Нижо и средно музичко образование завршила во МБУЦ
„Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Оливера Спасова.

Во 1987 год. дипломирала на отсекот за пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Бранко Цветковиќ.Од 1987 до 1994 год.  работела како наставник по пијано.

Во 1995 год. се запишала на постдипломски студии по пијано во Австралија, на Тасманискиот музички конзерваториум. Студирала во класата на познатиот австралиски пијанист – проф. Иан Монро, добитник на голем број меѓународни награди и признанија.Во 1997 год. успешно завршила со постдипломските студии. За време на престојот во Австралија имала многубројни солистички и настапи со камерни состави, како и настапи како пијано-придружба.

Од 1997 до 1999 год. работела како корепетитор на гудачкиот оддел при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во овој период имала повеќе целовечерни рецитали со особено надарените ученици и направила голем број снимки.
Во 2006 год. престојувала во Куала Лумпур, Малезија, каде што работела како помошник за особено надарени студенти на проф.Снежана Пановска. Од 2000 до 2010 година успешно раководи со приватното училиште „Пијанофорте“, а нејзините ученици имаат голем број јавни настапи, како и целовечерни концерти.

Настапувала на сцените во Македонија и Австралија како соло изведувач и пиано придружба.

Член е на меѓународни комисии за музички натпревари како и на здружението на европски пиано педагози ЕПТА.

Учествувала на бројни семинари со врвни педагошко-пијанистички имиња меѓу кои Владимир Крпан, Арбо Валдма, Рита Кинка и Јокут Михајловиќ.

Нејзиниот пијанистички репертоар опфаќа широк опус на најзначајните дела за пијано од различни епохи – почнувајќи од барокот преку класицизмот, романтизмот, импресионизмот и музиката од 20от век.

Основач е на музичкото училиште „Пијанофорте“ во 2000та година со кое самостојно раководи до 2010та година, кога и се придружува Марина Чадо Тодоровска со која тимски го продолжуваат работењето на училиштето.