д-р Тереза Крцоска

Виолинистката Тереза Крцоска го има стекнато музичкото образование во Скопје. Факултетот за музичка уметност го заврши во 1999 година во класата по виолинана проф. Ратка Димитрова.

Во текот на школувањето е постојан учесник е на семинари и мастер класи во земјата и во рамките на европските музички институции (Германија, Унгарија и Англија) кај еминентни педагози за виолина. Покрај виолина, факултативно следи настава по композиција кај проф. д-р Томе Манчев, а подоцна и кај м-р Гоце Коларовски. Во 1995 година учествува со своја композиција на манифестацијата „Денови на македонска музика“.

Пет години работела како виолинист во оркестарот на Македонската опера и балет. По напуштањето на оркестарот на МОБ, се ориентира кон работа со ученици: аматери и потенцијално идни професионални виолинисти.

Има објавено повеќе написи во врска со актуелни музички и културни настани. Истите се објавени во културната рубрика на „Нова Македонија“, „Да Винчи“, „Студентски збор“, „Музички ѕвон“, како и интернационалните изданија на „Добредојде Македонија“ и весникот на „IWA-Skopje“.

Интересот за научно-истражувачка и теориска работа ја наведува да учествува на конференции од областа на сонологијата и музичката педагогија. Во 2004 година го стекнува стручниот назив магистер по сонологија, а во 2014 докторира од истата област под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски.

Д-р Тереза Крцоска има богато педагошко искуство со виолина, како за индивидуална настава, така и за групна настава и ансамбл. Била ментор на наставници по музика и координатор на музички проекти во повеќе работни организации.

Во Пијанофорте е ангажирана од учебната 2013/14 година како наставник по виолина, а во тек е и подготовката на програмата Киндермјузик.