Марина Чадо – основач, професор по виолина, раководител на Одделот за гудачки инструменти и извршен директор на училиштето

Марина Чадо дипломирала на престижниот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ во Москва, Русија под менторство на светски познатите професори Мељников и Чугаева.
Отогаш брои низа настапи како солист со филхармониски и со камерни оркестри во Москва, Минхен, Белград, Скопје, низ Македонија, Словенија, Србија, на фестивалот „Скопско лето“ и на фестивалот „Охридско лето“.
На нејзиниот репертоар се бројат дела од Бах, Бетовен и Моцарт, преку Чајковски и Брамс, Де Фаља и Дворжак, па сè до Прокофјев и Шостакович.
Неколку години свирела во Камерниот оркестар на Македонската радио-телевизија, каде што снимила повеќе значајни композиции, потоа во оркестарот при Операта на тогашниот Македонски народен театар. Водач е на камерниот состав „Skopje Ladies’ Orchestra“.
Работела како професор по виолина, а нејзините ученици освојувале државни награди. Учествувала на повеќе семинари во регионов, предводени од врвни педагози. Достигнување од особена важност за нејзината педагошка дејност е наставната програма за основни музички училишта за Република Словенија чијшто автор е таа.
Член е во меѓународни комисии на музички натпревари и како и во Европското здружение на гудачки педагози ‒ ЕСТА.
Во 2010 година ѝ се придружува на Виолета Стефановска-Шуковиќ во „Пијанофорте“, каде што станува коспоственик и го формира Одделот за гудачки инструменти. Во рамките на своето работење, освен како виолинист и како педагог, таа е ментор на многу млади кадри кои ја започнуваат својата кариера како педагози во „Пијанофорте“.